Проодност
Информации за текот
на образование
Во стручното образование постојат повеќе јасно дефинирани патеки кои овозможуваат понатамошен личен, образовен и професионален развој. Проодноста – односно можноста за премин од едно ниво на образование кон друго – е суштинска карактеристика на модерниот систем на стручно образование.
Можности за проодност
Шема за проодност на квалификации
Нивоа и видови
Стручното образование и обука опфаќа:
– стручно образование и обука како дел од средното образование овозможува стекнување на (II) второ, (III) трето и (IV) четврто ниво на образовни квалификации, согласно со Законот за Националната рамка на квалификации и
– постсредно образование и обука како интегрален дел од стручното образование овозможува стекнување на VБ (петто Б) ниво на квалификации согласно Законот за Националната рамка на квалификации.
Стручното образование и обука може да се организира и како дуално образование.
Во стручно образование за квалификации од II (второ), III (трето) и IV (четврто) ниво, се вклучуваат ученици кои завршиле основно образование.
Учениците со завршено стручно образование за квалификации од III (трето) ниво се вклучуваат на пазарот на труд или можат своето образование да го продолжат во стручно образование за квалификации од IV (четврто) или VБ (петто Б) ниво (постсредно).
Учениците со завршено стручно образование за квалификации од IV (четврто) ниво се вклучуваат на пазарот на труд или можат своето образование да го продолжат во квалификации од V (петто) ниво (постсредно) или VI (шесто) ниво (високо образование).
Хоризонтална и вертикална проодност на учениците во стручното образование и обука
Учениците можат да преминуваат од еден во друг вид на квалификација од исто ниво (хоризонтална проодност) и од едно во друго ниво на квалификации од II (второ), III (трето) и IV (четврто) ниво во стручното образование и обука (вертикална проодност).
Учениците кои положиле испити на крајот на стручното образование и обука, можат да го продолжат своето образование или да се вклучат на пазарот на трудот, согласно Законот за средното образование и Законот за високото образование.
Учениците од стручното образование со четиригодишно траење полагаат државна матура и/или државна стручна матура и/или училишна стручна матура.
По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит.
Учениците кои положиле државна матура или државна стручна матура, можат да го продолжат своето образование на високообразовна установа, согласно критериумите за запишување на високообразовната установа.
Учениците кои положиле државна стручна матура за запишување во високото образование можат да го продолжат своето образование на високообразовна установа, на соодветна студиска програма.
Учениците од стручното образование со IV ниво од МРК кои сакаат да го продолжат своето образование на друг вид студиска програма на високо образование, различно од средното образование кое го завршиле, полагаат државна матура, согласно критериумите за упис на високообразовната установа.
Учениците кои положиле училишна матура и завршен испит се стекнуваат со определена квалификација и можат да се вклучат на пазарот на труд.