Агротехничарот за традиционално и органско производство планира, организира и координира работа во растително и животинско производство и спроведува основни процедури за преработка на примарни производи. При извршување на работните операции во земјоделското производство користи соодветна механизација, опрема и алатки и обезбедува услови во земјоделското производство. Применува соодветни и релевантни технологии во областа на полјоделското, градинарското, овоштарското, лозарското и сточарското производство. Спроведува постапки на основна обработка, доработка, пакување и складирање на производи од растително и животинско потекло на еколошки одржлив начин. Учествува во набавка, пласирање на производите и маркетинг активности. Применува стандарди и норми на традиционално, органско, конвенционално и интегрално производство и спроведува процедури и мерки за заштита на животната средина, безбедноста и здравјето при работа, како и мерки за заштита на работното место, почитувајќи ги стандардите за квалитет во неговата работа. Оваа квалификација се заснова на регионално усвоен стандард за занимање, развиен во соработка со регионалните агенции за СОО.
Со стекнување на квалификацијатa, ученикот ќе може да работи како оператор за растително земјоделско производство, оператор за сточарско производство, оператор за земјоделска механизација, агротехничар за традиционално и органско производство, но и на други занимања, согласно со стекнатата квалификација.