Квалификацијата Техничар за е-трговија и дигитален маркетинг обезбедува знаења, вештини и компетенции потребни за планирање, организирање, водење и извршување на активности од тргување по електронски пат, предвидување и унапредување на продажбата, активности во врска со маркетинг на содржини (контент маркетинг), маркетинг на социјални медиуми, оптимизација на интернет пребарувачи, емаил маркетинг и платено дигитално рекламирање, веб активности, одржување, оперирање и аналитика на бази на податоци. Истата, овозможува следење на промените и потребите на економијата и бизнисот на локално, регионално и глобално ниво. Квалификацијата овозможува стекнување знаења и вештини за вербална и невербална комуникација, почитување на етичките норми, кодекси, законската регулатива, стандардите и прописите од областа на безбедност при работа и заштита на животната средина, заштита на лични податоци, како и примена на принципите за точност, прецизност, ажурност и систематичност во работата.
Со стекнување на квалификацијата, ученикот може да работи како: Дигитален маркетер; Унапредувач на продажба; Маркетинг референт; Веб техничар; Комерцијалист; Асистент за односи со јавност; Оператор на бази на податоци и на други работни места во секторот, согласно со квалификацијата.