Квалификацијата овозможува стекнување на знаења, вештини и потребни компетенции за безбедна работа со возила на алтернативен погон. Работата со возилата на алтернативен погон се базира на користење дигитални и зелени технологии. Дигитални поврзани со користењето на соодветни технологии за производство, одржување, дијагностика и сервисирање на возилата на алтернативен погон, а зелените технологии поврзани со еколошката компонента на овие возила во однос на конвенционалните возила со МСВС.
Со оваа квалификација се образуваат кадри кои ќе вршат оперативни работи поврзани со организација на производниот процес при монтажа на деловите на моторните возила на алтернативен погон, а исто така и со контролата на квалитет на извршените работи.
Лицето со оваа квалификација е оспособено за организација на работата при редовното одржување и дијагностиката на возилата на алтернативен погон, како и проверка, подесување, поврзување, монтирање и демонтирање на делови, уреди и системи на возилата на алтернативен погон. Притоа, техничарот за возила на алтернативен погон ќе користи техничка документација, упатства, прирачници за квалитетно извршување на работните задачи. Исто така ќе селектира и складира отпад во согласност со законските одредби со почитување на правилата за безбедна работа. Кадрите со оваа квалификација ќе го почитуваат кодексот и етиката во работењето и ќе ги чуваат деловните тајни и личните податоци.
Тeхничарот за возила на алтернативен погон по завршување на своето образование ќе може да работи како Дијагностичар на неисправности на возила, Монтер на мотори и моторни возила или Механичар и монтер на мотори и моторни возила во индустријата за производство на моторни возила на алтернативен погон и делови за таквите возила, сервиси за одржување и поправка на моторни возила на алтернативен погон, автосалони, продавници за резервни делови, претпријатија со возен парк, претпријатија кои вршат јавен превоз на патници и товар, а може да води и сопствен бизнис.